Бугарија ја условува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО?

23.07.2014 19:58

Официјална Софија вчера ја потврди позицијата – без договор за добрососедство нема поддршка за членство на Македонија во Унијата и во НАТО...

Ако се затвори спорот со името чист ќе биде патот на Македонија кон меѓународните институции. Ваква оценка даваат бугарски аналитичари откако официјална Софија вчера ја потврди позицијата – без договор за добрососедство нема поддршка за членство на Македонија во Унијата и во НАТО.

„Бугарија сигурно ќе ја поддржи Македонија, но овде се отвара посложено прашање со Грција, двете земји треба да најдат компромис околу спорот, а Македонија да биде оставена сама да си го избере името, а тоа нека биде уставното или некое име постигнато со компромис. По решавање на спорот Бугарија нема да има никакви аргументи за да создава неприлики за вашата земја на патото кон ЕУ и НАТО“, изјави Георги Коритаров, аналитичар од Бугарија.

Првиот човек на бугарската комисија за национална безбедност, за МТВ потврдува дека посетата на Јолевски е оценета позитивно во политичките кругови на Бугарија. Не го споменува договорот за добрососедство, но, вели дека неговата земја искрено ќе помогне за интеграција на сите земји од регионот.

„Бугарија секогаш покажувала загриженост за Македонија што е можно побрзо да стане членка на ЕУ и НАТО, се разбира не безусловно но со исполнување на неоходните и задолжителни критериуми. Бугарија се однесува позитивно во процесот, помагала и ќе помага на секое ниво, бидејќи за нас е важна безбедноста во регионот“, рече Атанас Мерџаров, претседател на Комисијата за национална безбедност на Бугарија.

Дали поддршката ќе дојде на време, ќе се види на следниот самит на НАТО. Во меѓувреме бугарскиот министер за одбрана побара формирање експертска комисија која ќе одлучува за изградба на споменици на бугарски воени великани и за реставрација на воените гробишта. Засега ова барање не се наметнува како услов за поддршка. Јолевски не даде зелено светло за формирање на комисијата, но, рече дека иницијативата ќе се разгледува дополнително. Домашните аналитичари во ова барање гледаат нов услов.

„На тоја начин сакаат и бараат, инсистираат да ја бугаризираме нашата држава. Ако веќе опстојуваат, односно очигледно јасна позиција имаат изградено на таа основа треба да бидеме многу внимателни, бидејќи секој исчекор понатаму во односите со Бугарија може да има несогледливи последици врз Македонија“, вели аналитичарот Ристо Никовски.

Бугарија е првата земја што ја призна Македонија под уставното име, но за официјална Софија се уште е спорно нашето малцинство и јазик.

Анита Димитријевска