Изложба на фотографот Боро Рудиќ во галеријата на МКЦ
Преку оваа изложба и фотографска книга, авторот истражува можност за редефинирање на перцепцијата на естетиката во однос на традиционалните норми

Во вторник, во 19 часот, во галеријата на МКЦ ќе се отвори изложба на фотографот Боро Рудиќ, под името „Треперење“. На истиот настан ќе биде промовирана и неговата најнова фото книга „Треперење“.
Преку оваа изложба и фотографска книга, авторот истражува можност за редефинирање на перцепцијата на естетиката во однос на традиционалните норми. Природата е најчестиот мотив во фотографијата, често окована со одредени правила и табуа кои ја обликуваат нашата визуелна перцепција. Што се случува со нашата перцепција како набљудувачи (или фотографи) кога излегуваме надвор од зоната на удобност и ја гледаме природата на сосема поинаков начин?
Оваа изложба има за цел да ги предизвика воспоставените визуелни концепти, поттикнувајќи ги гледачите да ја преиспитаат и да го реинтерпретираат она што го сметаат за естетско во природниот свет.
Изложбата тежи кон ослободување од стандардните канони на убавина, овозможувајќи нов поглед на природата преку иновативни и неконвенционални техники на фотографирање. Преку овој проект, авторот се надева дека ќе се отвори дијалог за флексибилноста на естетските норми и ќе се поттикне креативно размислување надвор од традиционалните рамки.
