Руските ракети и дронови ги вклучија сирените за тревога низ цела Украина
Русија изврши масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура. Над милион домаќинства се без струја. Уништени дронови насочени кон Киев, жртви и повредени во Одеса. Путин изјави-ова е одговор за користењето на американските и британските ракети. Зеленски обвинува дека е користена и касетна муниција. Бара да се зголеми притисокот врз Москва...

Руските ракети и дронови ги вклучија сирените за тревога низ цела Украина. На мета повторно Киев и енергетската инфраструктура во централниот дел од земјата. Над милион домови останаа без струја. Експлозии одекнаа и во Одеса. Има жртви и повредени.
„Моето дете и јас бевме затрупани во стакло. Таа беше повредена, и ја сошија ногата. Сега веќе не можеме да живееме овде. Во шок сме, среде зима останавме без прозорци и врати“, изјави жителка на Одеса.
Ова е одговор за нападите врз Русија со американско и британско оружје-вели Путин.
„Извршивме сеопфатен напад со 90 ракети и 100 дронови. Погодени се 17 цели – воени објекти. Овие напади се одговор на неиспровоцираните удари на руска територија со американски ракети од Украина, како што многупати реков-секогаш ќе има одговор од наша страна“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Зеленски тврди дека во масовниот руски напад е користена касетна муниција. Изјави дека притисокот врз Москва мора да се зголеми.
„Неодамнешното овластување за далечни удари врз воени објекти во Русија помогна. Но, притисокот мора да се задржи и зголеми за Русија да почувствува што е војна. Присуството не само на ракети и гранати од Северна Кореја во руските арсенали, туку и војници на фронтот е глобализација на војната, која Русија ја почна и која може да се запре само на глобално ниво“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Последните случувања на украинскиот фронт ги разгореа тензиите во Советот за безбедност. Упатени повици за деескалација.
„Ги осудуваме сите напади врз цивилни цели и критична инфраструктура и ги повикуваме сите страни да преземат итни чекори за деескалација и да се воздржат од каква било акција или реторика што може дополнително да ја интензивира оваа војна“, изјави Мирослав Јенча, помошник-генерален секретар на ОН за Европа.
Во истовреме, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров e на разговори со властите во Сеул за воена поддршка на Украина, додека Русија и Северна Кореја продолжуваат со заедничките воени операции.
Бојана Крстевски
