„ДримОН“- за децентрализација на културата
Од синоќа па до недела во струга се одржува второто издание на фестивачот за процесирање култура со наслов„Дрим-ОН“. Мотото на овој единствен фестивал е „Нурни длабоко“ и е наменет за граѓаните кои ја следат културно-уметничката сцена, со посебен акцент на студентската популација...

Пет фестивалски денови се предвидени за оваа културна манифестација која опфаќа предавања, креативни работилници, изложби, видео проекции, уметнички, музички и театарски перформанси. Организаторот ИНКА вели ова е еден вид децентрализација на културата од главниот град во помалите градови.
„ДримОН е создаден да се децентрализира културата од главниот град и да донесе свежина во прилично заборавените паланки, провинции кои исто така заслужуваат да бидат во тек со современите културолошки текови“, вели Кристина Тодоровска од ИНКА.
ДримОН промовира автори од младата современа арт сцена во Македонија, како и предавачи од академската и креативната бизнис сцена. Годинава ќе учествуваат и уметници од Србија, Германија, Франција и Холандија.
„Моето уметничко име е Марко Кројач од Берлин и се занимавам со сито штампа и ги фотографирам спомениците во цела бивша Југославија“, рече Марк Шнајдер од Берлин, Германија.
„Оваа претстава е работена според дневниците на Најс Лин а таа била писателка која имала две опсесии во животот а тоа се пишувањето, значи уметноста во формата која што таа ја практикувала како пишување и љубовта. Значи, таа постоела во две форми како љубовница и како писателка“, вели Милијана Ленак од Буден театар од Скопје.
Публиката ќе има можност да види креации. Поетот Никола Маџиров ќе има музичко–поетски перформанс насловен „Две месечини“, додека „Буден театар“ гостува со претставата „Јас, Љубам, Бог“.
Ќе бидат прикажани и кратките филмови „Четврток“ на Милчо Манчевски, „Епизодист“ на Игор Алексов, „Влакна“ на Елеонора Венинова, „Што е парада“ на Наташа Гелева, „Девојчето со кибритчињата“ на Филип Матевски и „Супа од кокошка“ на Лидија Мојсовска.
Јованчо Наумоски
