Собрание

Власта и опозицијата со жестоки обвинувања на седницата за пратенички прашања

28.11.2024 14:59

На седницата за пратенички прашања опозициската СДСМ со критики за аерозагадувањето. Мицкоски дециден – не е точно дека се намалени средствата за здрава животна средина...

Повеќе од половина Македонија се гуши во нездрав воздух, парите за еколошки проекти се намалени, не се купени електрични автобуси, а Владата го заборавила планот за чист воздух. На седницата за пратенички прашања опозициската СДСМ со критики за аерозагадувањето.

Премиерот Мицкоски тврди дека не се намалени средствата за здрава животна средина. До Нова година ќе има и тендер за набавка на 100 до 120 еколошки автобуси кои ќе се возат низ повеќе општини.

Опозицијата е на став и дека со носење на Закони во скратена постапка се прави, како што велат, директен упад во правниот систем на државата и се прекинуваат мандати на членови во регулаторните тела, а на нивно место се поставуваат партиски кадри. Од Владата одговорија дека за многу скоро јавноста ќе слушне што се правело со безбедносните служби.

Опозицијата обвини и за опструкции при изградбата на Коридорот 8, на што министерот Николовски одговори дека се работи на пругата кон Бугарија, но дека е неопходна брза пруга на Коридорот 10 на која би се оперирало со 200 километри на час.

 

Анита Димитријевска – Велковска