Се зголемува бројот на кози во источниот регион
Од козарство егзистираат околу 200 семејства. Годишно се произведуваат околу 4,6 милиони литри козјо млеко. Почетната инвестиција за стадо од околу 80 кози се враќа за една година...

Се почесто козите го покажуваат патот на егзистенцијата во истониот регион. Во моментов ги има над 15.000 грла што е најмногу во државата.
„Имам околу 60-70 кози“, изјави Изет Ганја, сточар од село Аргулица, Карбинско.
„ Чувам кози од сортата алпина. Попродуктивна, поиздржлива и помлечна коза“ изјави Миле Петров, сточар од селото Чардаклија, Штипско.
Козите се семеен бизнис на околу 200 семејства од регионот, па во нејвното чување се ангажирани сите членови на семејството.
„Па чувањето е дневна рутина. Наутро задолжително се молзат, се собира млекото и се предава во млекарница. Потоа козите се пуштаат на паша, а трлото се чисти“ објаснува Елвис Ганја, сточар од селото Аргулица, Карбинско.
Годишно источниот регион произведува околу 4,6 милиони литри козјо млеко, кое завршува главно во млакерниците, но од цената сточарите не се задоволни.
„19 денари се премалку, ама немаме друг излез“, вели Изет Ганја.
Сепак, козарството е исплатлива инвестиција. Во посек еден сточар чува околу 80 кози. Од нив се добиваат 150 литри млеко дневно, доволни за 30 килограми сирење. Ако се има предвид дека цената на килограм козјо сирење е 300 денари, тоа почетната инвестиција ја прави исплатлива за околу една година. Дополнителен мотив за одгледување на кози се и државните субвенции. Во момнетов, за женско јагне се даваат по 1.500 денари, односно 1.000 денари за коза.
Токму и поради ова, многу сточари размислуваат за зголемување на стадата.
„Планирам стадото да го зголемам барем за уште 50-60 кози. Толку имам простор за чување. Понатаму, ако се оди како што треба, дополнително ќе го зголемувам стадото“, потенцира Миле Петров.
На ниво на држава се чуваат околу 50.000 грла кози, од кои годишно се добиваат околу 14 милиони литри млеко.
Оливера Жежова
