Градоначалниците на Ресен, Преспа, Пустец и Девол ќе потпишат Меморандум за соработка за Преспанскиот басен
Домаќин на церемонијата закажана за претпладнево е општина Преспа, а освен градоначалниците на четирите општини, ќе присуствува и амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Михалис Рокас...

Меморандум за соработка за Преспанскиот басен, но и за формирање Европска групација за територијална соработка во прекуграничниот регион на Преспа меѓу општините Ресен, Преспа, Пустец и Девол ќе потпишат во Лемос, Грција четворицата градоначалници, а целта е општините од трите земји да се заложат за заедничката визија за одржлив развој, заштита на животната средина и зачувување на културното наследство во конкретниот регион, јави дописничката на МИА од Атина.
Домаќин на церемонијата закажана за претпладнево е општина Преспа, а освен градоначалниците на четирите општини, ќе присуствува и амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Михалис Рокас. Иницијативата, како што информираа од општина Преспа, „има за цел да го направи Преспанскиот басен, кој со паркот Преспа стана првото прекугранично заштитено подрачје на Балканот, модел на иновативна прекугранична соработка и одржлив регионален развој за поширокиот регион“.
Меморандумот ја поставува основата за зајакнување на соработката во области како што се одржливиот развој, заштитата на животната средина и зачувувањето на биодиверзитетот и културното наследство во регионот на Преспа. Во целите се вклучени подобрувањето на квалитетот на животот на жителите преку надградени општински и јавни услуги, колективно управување со природните и културните ресурси и справување со последиците од климатската криза. Дополнително, Европската групација за територијална соработка има за цел да го промовира регионот како туристичка дестинација врз основа на уникатното природно и културно богатство, информираа од општина Преспа во пресрет на потпишувањето на Меморандумот.
