Инфраструктура

Колку ќе чини изградбата на автопатот Охрид- Кичево нема точна пресметка

29.11.2024 12:36

Колку ќе чини конечната изградба на автопатот Охрид-Кичево нема точна пресметка, но извесно е дека ќе има зголемување на цената. Во моментов има 16 свлечишта кои чекаат решение. Премиерот вели ќе дадат сè од себе да не дојде до зголемување на цената…

Колку пари ќе чини конечната изградба на автопатот Охрид-Кичево засега нема прецизна пресметка. Прогнозите се дека повторно ќе има зголемување на цената, но дали и колку таа ќе ја надмине досега двојно повисоката од првично проектираните 374 милиони евра, не се знае. Во моментов има 16 свлечишта кои чекаат решение.

Премиерот вели ќе дадат се од себе да не дојде до зголемување на цената.

„Можно е да дојде до зголемување на цената. Ние се доведовме во ситуација да решаваме 20 свлечишта на потегот од Кичево до Охрид од кои 10 се од полесна природа, а 6 посебно кај местото Ботун од потешка природа, и најверојатно ќе треба со конструктивни шипови да се укрутува земјата понатаму да нема свлекување“, вели Мицковски.

„Можеби ќе бидат потребни заради тоа што овој проект е правен уште 2014 година тогаш стандардите биле други а ние мора да ги пратиме европските стандарди и затоа можеби ќе треба и некаде и да се доплати“, вели Коце Трајаноски директор на ЈПДП.

Изградбата на автопатската делница е најважниот потег за развојот на стопанството и туризмот во регионот и земјава, велат од Стопанската комора.

„Јас да вложам толку пари би бил секој ден на автопатот и заедно со нив би работел да што побрзо тој автопат се заврши, затоа што тој е преродба за овој регион, тој е преродба за Македонија и за сите индустриски гранки. Ние сите треба да бидеме сконцентрирани да помогнеме“, вели Бранко Азески претседател на Стопанската комора.

Автопатот Кичево-Охрид започна да се гради во февруари 2014 година. За неговата изградба според државна ревизија досега има два заеми од вкупно 685 милиони долари.

Соња Рилковска