Анализа

ЕУ бара уставни измени без гаранции за преговори

29.11.2024 13:24

Со новиот состав на Европската комисија се очекува и поместување на европската политика. Денеска во седиштето на Европскиот совет во Брисел примопредавање на должноста меѓу досегашниот претседател на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и неговиот наследник Антонио Кошта. За европските земји, ова е особено важно. Но, што ќе значи за Македонија?

Нова комесарка за европроширување, познати барања за Македонија-спроведување на уставните измени за да ги отвориме поглавјата за членство во ЕУ.

Експертите кои ги праша МТВ велат дека уставни измени ќе мора да се спроведат. Покрај внесување на Бугарите во Уставот, ние имаме обврски и од потпишаниот протокол со Бугарија, кој стана европски документ, вели претседателот на Институтот за демократија, Трошановски. Тоа подразбира дека за суштински да почнат преговорите, мора да направиме одредени промени во образованието, отворање на архивите.

Трошановски вели дека уставни измени со одложено дејство е легитимно, но тоа не нè заштитува од нови блокади и барања.

Аналитичарот Александар Илиев за МТВ вели дека мала е веројатноста Брисел да се согласи на уставни измени со одложено дејство. Решението го гледа во националното единство за државните интереси.

Дополнителна пречка е и фактот што во Бугарија долго време нема политичка туку техничка Влада, па оттука нејасно е со кого ќе разговараат и Македонија и Европската Унија.

Милчо Велески