Коцевски и Мицкоски со различни погледи за работата на Обвинителството
Републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски ги отфрли тврдењата дека не се постапува по стотици случаи, покренати од МВР и Финансиската полиција и оти обвинители се разболуваат кога треба да реагираат. Премиерот Мицкоски најави робусна акција, Коцевски не стравува од негова смена. Вели, работи законито и чесно.

Доволно чекавме, в понеделник почнува спроведувањето на планот за справување со корумпираните обвинители и судии, најави премиерот Мицкоски. Тој вели дека многу предмети се заглавени во Обвинителството и кога треба да се постапува, одредени обвинители наоѓаат изговори.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски ги отфрла критиките дека не постапуваат. Тој рече дека работи законски, професионално и чесно, а, ако евентуално згрешил, условите за негово разрешување се содржани во Законот. На премиерските забелешки, Коцевски рече дека се однесувале на само еден случај за еден обвинител, кој имал вирус.
Еден од случаите кои со недели ја брануваат јавноста и се споменуваше како причина за несогласувањето помеѓу обвинителите Коцевски и Хајрулахи е оној за бонусите на СЈО.
Заострените тонови доаѓаат во време кога се бара начин за реформа на правосудството кое е со ниска доверба.
Игор Панов
