Мицкоски со осуда за палењето на македонското знаме: Ќе нема милост за оние кои го прекршуваат законот
И власта и опозицијата го осудија вчерашниот инцидент. Премиерот Мицкоски ги информирал стратешките партнери, предупреди дека ова нема да биде изолиран случај. Опозицијата бара оставки од првите луѓе во безбедносниот апарат…

Ќе нема милост за оние кои го прекршуваат законот – премиерот Мицкоски го осуди палењето на македонското знаме. Вели, долго предупредувале за активности чијашто цел е дестабилизација на земјава и очекува ова да не биде изолиран случај.
„Колку правдата е поблиску до криминалот, толку нивната реакција е поинтензивна“, вели Мицкоски кој за инцидентите ги известил меѓународните партнери. Повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации.
СДСМ го осуди сквернавењето на знамето и побара оставки од министерот Тошковски и првиот човек на Бирото за јавна безбедност Јанев, кои според партијата, потфрлиле во спречувањето на инцидентот.
Опозициската ДУИ, пак, одговорноста ја лоцира во Владата и МВР. Интегративците велат дека полицијата забранила чествување на празникот на плоштадите низ државава.
Од „ВРЕДИ“, пак, повикаа на разум и да не се подлегнува на провокации од оние, кои како што велат, по губењето на власта го изгубиле патот во сопствениот двор.
Остри реакции и осуда за сквернавењето на македонското знаме од сите политички субјекти во земјава.
Марина Стојанова-Тонева
