здравство

Се бара решение за медицинските сестри

29.11.2024 18:00

По договорот меѓу приватните матични лекари и Фондот, сега, и здруженијата на медицински сестри излегоа со барање – во ординациите кои се под закана да бидат затворени, сестрите да бидат вработени преку јавното здравство. Добиле позитивни сигнали, идната недела состанок...

Медицинските сестри идната недела ќе седнат на маса со директорот на Фондот за здравство – ќе понудат решенија како амбулантите на матичните лекари да не останат без овој кадар. Сестра Бешлиоска вели, има начин како огласите за вработување да се обноват. Предлагаат, во ординациите кои се под закана да бидат затворени, сестрите да бидат вработени преку јавното здравство.

„На краиштата имате можност да распишете конкурс и да ги вработите медицинските сестри како дел од јавниот здравствен систем, се работи за осум ординации, ако се работи за пациенти ако се помалку од 2.000 тоа се може би над 8.000 корисници на здравствени услуги во тој дел. Има начин и решенија со кои може медицинските сестри да го задржат достоинството“, изјави Гордана Бешлиоска од Здружение на медицински сестри „За нас“.

Медицинските сестри имаат поддршка и од лекари.

„Секогаш позади секој успешен доктор стои успешен тим. Ако во фамилијата позади мажот стои жената која е вратот, сестрите се ’рбетот на здравствениот систем и најумната глава што постои доколку го нема ’рбетот ќе биде обичен полноглавец“, изјави д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија.

Не можат да се носат одлуки поврзани со медицинските сестри без да бидат консултирани – реагираат здруженијата, откако матичните лекари и ФЗОМ се договорија ординациите во местата до 2.000 жители да можат да работат само со доктор.

Временото решение матичните лекари да можат да работат без медицинска сестра ќе важи две години – целта е да не дојде до затворање на ординациите во помалите места. Во меѓувреме, лекарот има обврска да објавува оглас за вработување на секои шест месеци.

 

Андријана Ѓурческа