Седница во Град Скопје

И натаму нема долгорочно решение за јавниот превоз во Скопје

29.11.2024 16:54

Блокирана сметката на ЈСП – директорот ветува ќе исплати плата. Нафтата при крај, тендерот трае. Кавга во Град Скопје. Советниците ја задолжија Арсовска да се зголеми цената за изминат километар на приватните превозници...

Бурна седница во Советот на Град Скопје. Кавги и обвинувања откако претседателот на Советот го стави на гласање заклучокот за зголемување на цената по изминат километар за приватните превозници.

Иако влегоа со оптимизам, советниците на Град Скопје жестоко се расправаа за зголемувањето на цената од 70 на 100 денари по изминат километар. Оние од ВМРО-ДПМНЕ со став дека со ребаланс на Буџетот може да се обезбедат средства, опозиционерите со објаснување дека ребаланс може да се прави до 15-ти ноември. Славевски потсети дека Владата прогласи кризна состојба во јавниот превоз.

Отсуството на приватните превозници само го продлабочи хаосот со јавниот превоз. ЈСП е со блокирана сметка поради долг кон добавувачот на нафта.

И додека Кушовски тврди дека блокираната сметка нема да влијае на исплатата на платите, бидејќи се работи на деблокада, граѓаните не знаат дали ќе наиде автобус.

 

Александра Велинова