Образование

Јаневска: Оптимизацијата на училишната мрежа значи подобро образование за учениците и функционален ангажман за наставниците

29.11.2024 21:31

Оптимизацијата на училишната мрежа ќе им овозможи подобро образование на учениците и со неа сите добиваат – старите училишни згради ќе може да се пренаменат за потребите на средината а наставниците ќе можат да добијат друг ангажман и да останат функционални, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска...

Оптимизацијата на училишната мрежа ќе им овозможи подобро образование на учениците и со неа сите добиваат – старите училишни згради ќе може да се пренаменат за потребите на средината а наставниците ќе можат да добијат друг ангажман и да останат функционални, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на прашање при посетата на средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола.

„Не значи дека учениците ќе останат без образование ако затвориме училиште, ниту значи дека наставниците нема да бидат искористени во образовниот процес. Праќам порака до родителите дека превозот ќе биде организиран, децата ќе им бидат во поголема средина, каде ќе стекнуваат животни видувања, знаења и компетенции во помодерно училиште. Ќе видат смарт-табла, ќе видат различни наставници, ќе има со кого да се натпреваруваат. Ако во една рурална средина има комбинирана паралелка од пет ученици, не можеме да очекуваме резултат. Затоа велиме – децата ќе ги однесеме во соодветните класови во посовремено училиште, каде што ќе добијат соодветно знаење, каде што ќе останат подолго во училиште, за да можат да се приближат со знаењата на учениците од ЕУ“, рече Јаневска.

Во однос на наставниците, министерката појасни дека за нив се подготвува нов закон, што очекува да се донесе во текот на првите три месеци од следната година.

Рече дека дел од наставниците ќе може да се ангажираат со децата со посебни образовни потреби, за кои има недостаток на образовни асистенти.

„Има непополнети места во мрежата на просветни инспектори. Исто така, Државниот испитен центар работи со минимални капацитети, Бирото за развој на образованието во изминатите години ја изгуби својата базична улога, да ги советува и обучува наставниците, таму секако ќе требаат искусни и квалитетни наставници кои ќе ги подучуваат младите. Има многу можности каде можеме да им најдеме функција на наставниците, и тоа ќе го правиме“, рече министерката.

Укажа дека во поголемите градови има проблем за едносменска и целодневна настава затоа што нема соодветна инфраструктура, како на пример во Битола, каде можеби ќе треба да се изградат уште едно до две училишта, а таков пример е и Скопје, каде треба да се доградуваат училници и нови училишта. Додаде дека не може инфраструктурните проблеми да се решат за кусо време, но колку повеќе деца и млади почнат да учат во подобри услови, толку поголем ќе биде успехот на државата, а тоа значи и толку повеќе задоволни ученици, родители и наставници.