Се разгорува фронтот во Сирија, жестоки борби и судири во Алепо
Жестоки борби и судири во Сирија. Фронтот разгорува. Првпат по 2016-та година бунтовниците со изненадувачка офанзива против сириските владини сили стигнаа во Алепо, тврдат повратиле 40 насто од територијата на градот. Нападот е успешно одбиен-сириската влада со руските сили во контраофанзива. Се бомбардираат позиции на противниците на режимот. Десетици жртви и на двете страни …

Војната во Сирија повторно разгорува. Првпат по осум години, бунтовниците тврдат дека успеале да влезат во вториот најголем град во земјата-Алепо и да вратат околу 40 насто од територијата. Напредувањето кон северозападот од земјата следува по неочекуваната офанзива во средата кога илјадници бунтовнички борци го прекршија договорот за деескалација и ги зафатија селата и градовите судирајќи се со владините сили.
„Во моментов сме во процес на ослободување на овие области каде што беа стационирани иранската и милицијата на Асад“, изјави Хусеин Наџар, бунтовнички борец.
„Пет години сум раселен, сега се борам да ја вратам нашата земја од контролата на криминалниот режим. Ги повикуваме младите во домовите да ни се придружат во борбата за враќање на нашата земја“, вели Абу Мохамед Талманас, бунтовнички борец.
Сириската влада, пак, тврди дека армијата успешно го одбива нападот на терористи во Алепо и дека веќе повратиле неколку места. Заедно со руските сили бомбардираат позиции на противниците на режимот.
„Ова е нарушување на суверенитетот на Сирија и ние се залагаме сириските власти брзо да го вратат редот во овој регион“, нагласи Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Последниот американски амбасадор во Сирија пред САД да ги суспендира операциите на амбасадата во почетокот на граѓанската војна, оценува дека борбите би можеле да станат пошироко дестабилизирачки доколку ги повлече Русија и Турција во директни пресметки една со друга.
„Ова секако не значи дека сириската влада е пред колапс, но сугерира дека војната разгорува и ќе се распламти ако Турција и Русија не постигнат договор за нов прекин на огнот“, рече Роберт Форд, поранешен амбасадор на САД во Сирија.
Според сириската опсерваторија за човекови права, која ја следи нерешената граѓанска војна во земјата, во последниот напад загинале десетици борци и на двете страни.
Бојана Крстевски
