Македонија

Куманово: Одобрени неопходните вработувања во старскиот дом

30.11.2024 18:04

Одобрени се неопходните вработувања за нормално функционирање на домот за стари лица во Куманово. Ќе се вработат воглавно негуватели на стари лица. Македонската телевизија неколкупати досега информираше за овој проблем.

Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово ја доби потребната согласност од Министерството за труд и социјална политика, за нови десет вработувања. Станува збор за негуватели на стари лица, психолог и друг помошно-технички персонал. Установата со години ги бараше овие вработувања, неопходни за функционирањето, а за тоа известуваше и македонската телевизија.

„Со оваа добиена со согласност нема целосно да го решиме проблемот но ќе го ублажиме и ќе можеме да ги подобриме условите и услугата за престој во институцијата“, изјави директорот Дејан Стојановски.

Поголем дел од домот изминатиот период беше реконструиран. Набавена е и нова медицинска опрема. Засега во лоша состојба останува долниот кат каде што се сместени не само стари, туку и лица со комбинирани дијагнози.

„Колку пати и да го реновираме тој дел, повторно ќе личи на геријатрија затоа што таква е категоријата. Она што ќе биде завршено до крајот на годината ќе имаме и распишавме оглас станува збор за 3.500 метри квадратни“, дополни Стојановски.

На листата за чекање за прием во установата се 30-ина стари лица.

Домот за стари лица „Зафир Сајто“ од Куманово е еден од поголемите на ниво на државата. Во моментов овде се згрижени над 170 корисници од неколку градови од Македонија.

Во државата функционираат само шест домови за стари лица под министерството за труд и социјална политика.

 

Елена Георгиевска