Божиновска во РЕК Осломеј: Катастрофалната состојба е само дел од предизвикот
Божиновска направи обиколка низ електраната, вклучувајќи ја машинската зграда, турбината, и локацијата на котелот и блок-командата.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети термоелектраната Осломеј кај Кичево, еден од клучните енергетски капацитети во земјата. Посетата е дел од заложбите на министерката редовно да ги посетува енергетските објекти со цел директно да се увери во состојбите на терен и да ја забрза транзицијата која ќе донесе енергетска стабилност и независност.
„Состојбата што ја затекнавме е лоша и тоа нема да го криеме. Но, она што можам да кажам е дека се вложуваат максимални напори, а понекогаш и невозможното, за да ги стабилизираме капацитетите. Со ангажман на нашите стручни лица и новиот менаџмент, веќе гледаме позитивни резултати“, изјави министерката Божиновска.
Министерката ја дочекаа претставници на раководниот тим на ЕСМ и директорите на РЕК Осломеј, кои детално ја информираа за моменталните состојби, како и за затекнатите состојби во комбинатот по смената на раководствата. Божиновска направи обиколка низ електраната, вклучувајќи ја машинската зграда, турбината, и локацијата на котелот и блок-командата.
„Машини кои се борат со товарот на времето, јаглен кој е далеку од квалитетот што би го поддржал производството, и техничка опрема која итно бара замена. Ова е само дел од катастрофалната состојба во која е оставен РЕК Осломеј. Но, покрај предизвиците, тука има и нешто друго – посветени луѓе кои одбиваат да се предадат, и планови за трансформација кои ветуваат нова ера“, истакна Божиновска.
Директорот на РЕК Осломеј, Сашо Вренцоски, информираше дека, иако соочени со исцрпени резерви на јаглен, затекната катастрофална состојба, неизвршен ремонт на термоелектраната, половина од деловите потребни за вклучување во производство нефункционални, сепак РЕК Осломеј успеа речиси половина месец да помогне во обезбедување енергија за електроенергетскиот систем за постабилна грејна сезона за сите граѓани во Македонија.
