Мицкоски со критика за работата на обвинителствата
Правда ќе има за да се врати довербата во правосудството. Премиерот Мицкоски со критика за работата на обвинителствата. Вели, кога треба да се апсат криминалци кои преку ноќ се збогатиле, поединци не постапуваат. СДСМ пак, во најавата за борба против корумпираните судии и Обвинители гледа обид на власта да го стави правосудството под партиска капа…

Поединци од голтари станаа милионери, а обвинители кога треба да потпишат налози за апсења или истраги добиваат грозница и анксиозност, вели премиерот Мицкоски. Уверува – правда ќе има, но од тоа нема да се прави јавен театар. Според него, довербата во правосудството која е 2-3 проценти е резултат на избор на судии и обвинители од тефтери на претходната власт.
Откако Владата најави остри мерки против корумпираните во судовите и обвинителствата, социјалдемократите ова го протолкуваа како директна закана со цел да се воспостави партиска контрола врз правосудството. Од „Бихаќка“ велат дека изјавите на Мицкоски се преседан и обид за уништување на владеењето на правото.
Државниот обвинител Коцевски, кој беше посочен од премиерот дека е неажурен и не постапува по поднесените пријави, вели дека ќе продолжи да работи чесно, а во законот има одредби по кои може да биде разрешен.
Без да открива детали, Мицкоски најави дека од понеделник стартува акција за сузбивање на криминалот и корупцијата во правосудната фела, а судии и обвинители ќе треба да одговараат за противзаконски дејствија.
Анита Димитријевска-Велковска
