Политика

Не стивнуваат реакциите по сквернавењето на македонското знаме

30.11.2024 17:04

Втор ден не стивнуваат реакциите по сквернавењето на македонското знаме. Партиите со осуда, но и со меѓусебни обвинувања. СДСМ бара итна лидерска средба за стабилност, премиерот Мицкоски не гледа причина за такво нешто, но вели дека ќе размисли. ДУИ најави интерпелација за министерот Тошковски…

Не успеа планот на СДС и ДУИ за дестабилизација преку предизвикување на етнички конфликт, поради брзата реакција на институциите, велат во ВМРО-ДПМНЕ. Апелираат до граѓаните да не влегуваат во сценарија за етнички немири и да останат смирени при провокации.

Социјал-демократите пак повикуваат на одржување на лидерска средба. Велат ова е време кога политиката треба да го покаже своето најдобро лице – лице кое обединува, кое создава доверба и кое промовира единство. Граѓаните очекуваат да бидеме пример за смиреност, и посветеност кон заедничкото добро.

Шефот на владата Христијан Мицкоски не размислувал за одржување на лидерска средба, но и не гледа причина за состанок со останатите претседатели на партии.

Во регионот има деструктивни сили кои сакаат да дестабилизираат. За инцидентите што се случија на Денот на албанското знаме ќе одговараат сите и нема да има компромис спрема ниту едно лице кое го прекршило законот истакна првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити.

И ДУИ повикува на смиреност, но инсистираат на оставки од министерот за внатрешни работи Тошковски и неговиот заменик. Во спротивно најавија интерпелација.

Според премиерот Мицкоски реакцијата на службите и полицијата била соодветна.

Миле А. Ристески