Приватните превозници од утре се враќаат во сообраќај
Падна договор – приватните автобуси од утре се враќаат на скопските улици. Ќе се изработува нова методологија за пресметка на цената за изминат километар. Ќе биде готова за две недели. Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Стојановски ја напушти средбата кај градоначалничката Арсовска, како што вели, поради недолични зборови упатени кон него…

Автобусите на приватните превозници од утре се враќаат во сообраќај, информираа по денешната координативна средба во Град Скопје. Во почетокот на годинава ќе потпишат нови договори со нова цена по изминат километар која допрва ќе се утврдува.
Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Стојановски со став дека треба да се почитува заклучокот за зголемување на цената по изминат километар за 30 денари кој беше изгласан од мнозинството на Советот на Град Скопје, што беше и барање на приватните превозници. Ја напушти средбата поради како што вели, недолични зборови упатени кон него. Побарал предлог и од Арсовска за излез од кризата во јавниот сообраќај, но не добил.
Предлогот на советниците од опозицијата пак, е нова методологија за пресметка на цената по изминат километар која би требало да биде вкалкулирана во буџетот за 2025 година.
Цената по изминат километар е проблем на кој му се гледа крајот, но долгот на ЈСП околу 50 милиони денари кон приватните превозници останува.
Александра Велинова
