Почна изградбата на куќи за бездомниците во Штип
Бездомни лица со привремено сместување. Ваков статус имаат над 260 штипјани чиј привремен престој во екстремно лоши услови трае цели 13 години. До мај идната година, со средства од европските фондови ќе се градат типски куќи за овие лица.

Во Штип има повеќе од 260 бездомници „привремено згрижени“ во објектите на старото нервно одделение. Привремениот престој требаше да трае неколку месеци, но се оддолжи 13 години. 41 семејство повеќе од една деценија очекуваат општината да го исполни ветувањето дека ќе им обезбеди хумани услови за домување. Но, и оваа зима ќе ја минат без основни услови за живот.
Ове е дом на околу сто деца. Често се разболуваат, не одат во градинка, а ретко одат и на училиште.
Жителите на Старото нервно живеат од социјална помош и собирање пластика, ретко кој е вработен, а има и болни.
Животот во субстандардни услови за овие бездомници наскоро ќе биде минато. Почна изградбата на типски куќи за 41 семејство во населбата „Света Недела“, која треба да заврши до мај идната година.
Проектот чини околу половина милион евра, финансиски поддржан од европските фондови.
Славица Величковска
