Примирје, но неизвесен траен прекин на огнот на Блискиот Исток
Експертите го предвидоа прекинот на огнот меѓу Хезболах и Израел, но загрижувачки е што никој не зборува за траен мир, ниту за решение за израелско-палестинскиот конфликт...

Експертите го предвидоа прекинот на огнот меѓу Хезболах и Израел, но загрижувачки е што никој не зборува за траен мир, ниту за решение за израелско-палестинскиот конфликт. Примирјето со Хамас во Појасот Газа сепак можеби ќе е остварливо до 20-ти јануари кога ќе биде инаугуриран претседателот Трамп, смета Арие Кацовиц универзитетскиот професор од Ерусалим кој со децении е посветен на изнаоѓање решение за овој конфликт.
„Мислам дека се движиме во таа насока, затоа што Хамас е воено десеткуван и време е да се оконча војната. Повторно велам можеби, тоа се мои желби, но можеби и ќе се случи“, нагласува Кацовиц.
Палестинскиот истражувач Јазид Сајаг кој од ’91-та до 2002-ра бил советник, преговарач и креатор на политики во палестинската делегација во мировните преговори со Израел, смета дека Нетанјаху ја наметнува својата политика на војна, затоа што му треба војната. Прашање е каде е навистина цврстиот ѕид во кој воената политика на Нетанјаху ќе се удри. Може да биде војна со Иран без поддршка на Трамп, или ќе биде нешто друго, вели Сајаг.
„Мислам дека Нетанјаху чувствува дека тој има своја траекторија на експанзија и во моментов никој не го притиска да престане. Израелската домашна политика не го притиска да престане. Ниту опозиција зборува за ова во Израел. Сè додека САД ја помага војната, ниту економијата не е доведена во прашање“, смета Сајаг.
Кацовиц сепак има спротивно видување затоа што 55 проценти од Израелците сакаат крај на војната. Иако десничарските партии се израдуваа со изборот на Трамп, вели, тој може и да изненади.
„Затоа што Трамп има бизниси со Саудиска Арабија, затоа што сака да добие Нобелова награда за мир. Па во таа смисла можеби има одредена надеж дека војната треба да заврши. Нетанјаху сака војната да продолжи во однос на Појасот Газа, бидејќи нема план што би било после тоа“, додава Кацовиц.
Предупредувачки се состојбите со можната ескалација на конфликтот со Иран. Либанската експертка Бушра Џабир се сомнева дека Иран како најголем поддржувач на Хезболах и Хамас сака да заврши војната.
„Треба да мислиме и за геополитичката работа во сево ова. Тука е и Иран, дали Иран ќе има волја да влезе во мировен договор или барем прекин на огнот пред Трамп да ја преземе функцијата“, смета Џабир.
Џабир потсетува дека иако либанската влада и Хезболах се согласиле за одредени точки има работи за кои допрва треба да се договорат. За овие аналитичари нема сомнеж дека еден ден мора да има мир. Но, останува отворено прашањето дали конфликтот на Газа ќе заврши со формирање две независни држави или со конфедерација.
Фиљана Кока
