Грузија: Ескалираат протестите, улиците на Тбилиси како бојно поле
Трета ноќ по ред протести во Грузија. Незадоволството против владината одлука да се одложи европската интеграција на земјата, кулминира. Демонстрантите не се откажуваат од европската иднина. Нови нереди и судири со полицијата. Тбилиси како воена зона. Луѓето бараат нови избори, а не револуција – изјави претседателката Зурабишвили…

Ескалираат протестите во Грузија против владината одлука да ги прекине преговорите со ЕУ. Улиците на Тбилиси како бојно поле. Солзавец, водени топови и нови судири со полицијата. Краткотраен пожар предизвикан од петарди избувна во Грузискиот Парламент. Чад се издигна и пред Собранието. Демонстрантите не се откажуваат од Европската иднина на земјата.
„Протестирам против нашата влада која е проруска и тие не сакаат да имаат никаква врска со Европа или САД. Тука сум за мојата слобода, за мојата иднина.“
„Веќе многу денови стотици илјади луѓе излегуваат на протести, самоорганизирани, жртвувајќи се себеси, своето здравје и живот поради една причина – овие луѓе сакаат да се видат себеси и Грузија во ЕУ.“
Новинарите кои известуваат за антивладините протести обвинуваат дека се намерна мета на безбедносните сили само затоа што ја зборуваат вистината. Ги повикаа граѓаните да размислат во каква земја сакаат да живеат.
„Нашите граѓани сега се принудени да размислат-дали сакаат да живеат во земја каде што протестите на луѓето се казнуваат и се напаѓаат новинари од зад грб кога зборуваат за тоа што навистина се случува. Ако сакаме да живееме во ваква земја, нека биде така“, вели Гурам Рогава, грузиски ТВ презентер.
Луѓето на улиците бараат нови избори, а не револуција како што претходно обвини грузискиот премиер-вели во интервју за „Дојче Веле“ претседателката Зурабишвили. Објави дека нема да се повлече од функцијата додека не се избере легитимен претседател.
„Како што видовте, се беше мирно до моментот кога почна насилното растурање на протестот. Затоа мојот мандат ќе заврши тогаш кога ќе биде избран новиот легитимен претседател-едно од главните барања на народот што е на улица“, смета Саломе Зурабишвили, претседателка на Грузија.
Грузискиот премиер пак, претходно сугерираше на надворешното влијание да се дестабилизира земјата.
„Одговорноста за насилниот митинг е на релевантните европски политичари и бирократи, радикалите и нивните странски покровители кои континуирано се обидуваат да измислуваат изговори за да ја дестабилизираат земјата и да вршат притисок за „украинизација“ на Грузија“, изјави Иракли Кобахиџе, премиер на Грузија.
За голем број дипломати одлуката за одложувањето на европската интеграција е противуставна и ќе доведе до меѓународна изолација на земјата. Опозицијата и натаму не ги прифаќа резултатите од парламентарните избори одржани во октомври, на кои победи владејачката партија Грузиски сон.
Бојана Крстевски
