Додека Град Скопје планира, општините украсуваат за Нова година
Европските метрополи украсени, во тек се и божикните маркети. Во Скопје на еден месец пред Новата година, сè уште не се чувствува новогодишната еуфорија. На плоштадот не е поставена елка, нема ни украсни сијалички…

Метрополите блеснаа во новогодишен сјај, но не и нашата. Неделава треба да се знае кога Скопје ќе добие новогодишна слика. Граѓаните не чувствуваат предновогодишна атмосфера и очекуваат годинава градот порано да биде украсен за да влеземе со оптимизам во Новата година.
Додека Град Скопје планира, општините ги почнаа подготовките за украсување. Зимската бајка во Аеродром ќе почне за неколку дена со адреналински детски реквизити, лизгалиште, музичка програма, Новогодишен базар.
Од Општина Центар најавуваат новогодишни декорации, елки, а дел од нив веќе се поставени, хуманитарен новогодишен базар и музичка програма со македонски артисти.
„Празничното украсување ќе се реализира на повеќе локации, со посебен акцент на познатите јавни простори како Сквер Јадран, Боемска, Сквер Капиштец и паркот Капиштец кои ќе блеснат во светлоста на празниците. Дополнително ќе се постават дрвени куќички и декорации кои ќе ја надополнат зимската бајка“, велат од Општина Центар.
Минатата година градот беше украсен на само десетина дена пред Нова година. Арсовска тогаш вети дека годинава од септември ќе се украсува, но сè уште не светнала елката на плоштадот.
Александра Велинова
