„Вреди“: ДУИ за лични интереси ги користи младите
Младите кои го запалија државното знаме се блиски соработници на Артан Груби – тврдат од коалицијата „Вреди“. Партиите со спротивставени ставови за инцидентите...

ДУИ за чисто лични интереси ги користи младите како „топовско месо“, само за да ја избегнат правдата што ги чека, велат од „Вреди“. Покажаа фотографии со кои се докажува како што потенцираат, дека младите луѓе кои го запалија македонското знаме се блиски соработници на Артан Груби.
„Како што гарантиравме од почеток, тоа ќе се случува и во иднина, сите инволвирани во инцидентите на празничната ноќ ќе ја добијат заслужената казна, без разлика. Со ова темпо ќе ги демаскираме плановите на поранешната власт за дестабилизација на државата. Тоа што беше дестабилизиран таканаречениот ’Европски фронт‘ не значи дека треба да се дестабилизира државата. Тоа што се поделија, не значи дека општеството ќе треба да се подели како нив“, изјави Арбен Фетаи од „Вреди“.
За настаните од четвртокот уапсени се 17 лица. Министерот за внатрешни Тошковски потенцира дека се срами од тоа што Македонија има опозиција која со манипулации и лаги се обидува да ја сврти вистината.
Опозицијата побара лидерска средба и оставки на Тошковски и неговиот заменик. Се случија сериозни инциденти кои кулминираа со палење на македонското државно знаме и пукање од огнено оружје со што се наруши безбедноста и се погази државното достоинство. Полицијата не дејствуваше превентивно – велат во СДСМ.
„Ако МВР било предупредено, како што вели Тошковски, зошто полицијата не презела ништо? Зошто не се дејствувало превентивно за да не се дозволи ескалација? Зошто тогаш дозволи да се случи хаос? Пукачите со огнено оружје среде Скопје сè уште не се приведени“, велат од СДСМ.
Обидите на СДСМ и ДУИ за креирање раздор нема да бидат толерирани, сите оние кои се обидуваат да ја загрозат стабилноста на македонското општество ќе се соочат со соодветен одговор на институциите, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ и ДУИ се обидуваат да создадат амбиент на нестабилност сè со цел нивните криминални афери да не се обелоденат. Потезите на СДСМ и ДУИ вклучуваат манипулирање со симболиката на македонското знаме. СДСМ и ДУИ очајнички се обидуваат да дефокусираат од нивните контроверзни дејства во страв и агонија од соочување со правдата“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Спротивни ставови меѓу власта и опозицијата. Премиерот Мицкоски смета дека нема потреба од лидерска, но сепак ќе размисли. Ги пофали полицијата и службите дека добро си ја завршиле работата.
Миле А. Ристески
