Македонија стана дел од програмата „Креативна Европа“
Програмата е вредна 1,5 милијарди евра, а предвидено е целосно да биде реализирана до 2020-та и е наменета за аудио- визуелните и авторските дела...

Македонија го потпиша договорот со ЕУ за учество во програмата „Креативна Европа“, вредна 1,5 милијарди евра. Предвидено е целосно да биде реализирана до 2020-та, и е наменета за аудио- визуелните и авторските дела.
„Со потпишувањето на овој договор Република Македонија и Министерството за култура, како надлежна институција за спроведување на Програмата, уште еднаш ги потврдија своите заложби да бидат рамноправни партнери на ЕУ во спроведувањето на нејзината културна агенда и во поддршката на проектите кои се дел од нејзините програми“, рече Канческа-Милевска.
Програмата, како што нагласи, ќе ја зачува и промовира културната и јазичната разноликост и ќе ја зајакне конкурентноста на културниот сектор и креативните сектори.
Евроамбасадорот Орав потенцира дека програмата „Креативна Европа“ претставува моќен двигател за развојот на поединци и институции кои, како што рече, може да ги реализираат своите европски сништа. Ги повикаа сите културни институции, културни работници, уметници и невладини организации да аплицираат за оваа програма и нејзините потпрограми.
