Контраофанзива на Сирија против бунтовниците
Сирија почна контраофанзива против бунтовниците. Претседателот Асад најави дека ќе се избори против терористите. Ирак ги затвори сите граници поради новата ескалација во соседството...

Сирија почна контраофанзива против бунтовниците кои извршија неочекуван напад преземајќи контрола на неколку села и градови, меѓу кои и Алепо. Претседателот Асад најави дека ќе се избори против терористите.
„Тероризмот не разбира ниту еден друг јазик освен јазикот на силата, а ние ќе го скршиме и уништиме тој јазик, без разлика кој го поддржува и спонзорира тероризмот“, напиша Асад на „Телеграм“.
Во северниот дел на Хама создадена е силна одбранбена линија за да се спречи напредокот на бунтовничките групи на северозападот-тврди сириската армија.
„Секој кој е платеник или дејствува надвор од законот и ќе се обиде да отвори оган ќе биде решен на лице место. Подготвени сме за конфронтација“, изјави Абделкарим Махмуд Ибрахим, началник на Генералштабот на сириските вооружени сили.
Сириските и руските сили ги продолжија воздушните напади во окупираните градови. Копнените сили се прегрупираат одбивајќи ги ударите на терористите во Алепо и Идлиб. Белите шлемови јавуваат за десетици жртви и повредени.
„Падна покривот на куќата, не опкружи прав. Се обидов сам да ги подигнам урнатите ѕидови, но не можев, па повикав помош“, рече Мохамед Базербаши, преживеан од воздушен напад.
„Нашите тимови сега се во Алепо и дејствуваат на теренот, но градот е голем и ни треба време и поддршка за да обезбедиме цивилите да преживеат во овие тешки околности. Историјата се повторува, а ситуацијата станува се полоша и полоша“, изјави Исмаил Алабдула, волонтер на Белите шлемови.
Иранскиот шеф на дипломатијата Арагчи пристигна во Дамаск. Вети дека ќе и помогне на владата да се спротивстави на ненадејната офанзива. Светските сили повикаа на деескалација.
„Се наоѓаме во многу критична ситуација. Со последната офанзива на бунтовниците видовме обнова на граѓанската војна која може да ја драматизира ситуацијата на теренот. Затоа е потребно да видиме деескалација, а потоа и фокус на политичкиот процес“, изјави Геир О. Педерсен, специјален пратеник на Обединетите нации за Сирија.
Напливот на борбите ја зголеми можноста за повторно отворање на уште еден дестабилизирачки фронт на Блискиот Исток во време кога Израел се бори против Хамас во Газа и кога примирјето во Либан со Хезболах е кршливо.
„Постојано следиме што се случува во Сирија. Решени да ги браниме интересите на државата Израел и да ги заштитиме достигнувањата од војната. И цврсто го спроведуваме договорот за прекин на огнот во Либан. Секое прекршување наидува на силна реакција од војската“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Во истовреме, Ирак ги затвори сите граници поради новата ескалација во соседството.
Бојана Крстевски
