Култура

„Лучија од Ламермур“ од Гаетано Доницети на сцената на Националната опера и балет

02.12.2024 10:13

На 11-ти декември со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе една од водечките бел-канто опери во светската оперска литература „Лучија од Ламермур“ од големиот италијански композитор Гаетано Доницети...

На 11-ти декември со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе една од водечките бел-канто опери во светската оперска литература „Лучија од Ламермур“ од големиот италијански композитор Гаетано Доницети.

Диригент на оваа психолошки фасцинантна опера е гостинот Дарио Салви (Шкотска/Италија), режисер и сценограф е Лев Пулиезе (Италија), костимограф Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ, Јасмина Ѓорѓеска.

Во оперската претстава ќе настапи врвна домашна солистичка екипа, предводена од нашата првенка Ана Дурловски во насловната улога, која продолжува да остварува блескави успеси на европската и светска оперска сцена восхитувајќи ги критичарите и публиката со својата совршена техника и интонативна прецизност, Марјан Јованоски, Ѓорѓи Цуцковски, Никола Стојчески, Александар Стефаноски, Марика Поповиќ и Јане Дунимаглоски во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Лучија од Ламермур“ е трагична опера напишана во два чина. Салваторе Камарано го напишал либретото според новелата на Сер Волтер Скот „Невестата од Ламермур“. Операта премиерно е изведена на 26.09.1835 година во Театро Сан Карло во Неапол. Дејството во оригиналното дело на Сер Волтер Скот се базира на вистинска случка во историјата на фамилијата Стер. Настанот се одвива во Ламермур, место во Шкотска во 1669 година. Либретото на операта ја содржи основата на приказната на Сер Скот, но Салваторе Камарано во драматуршката разработка на дејството воведува и други личности кои во делото на Скот не постојат.

 

 

Фото: НОБ