Воен конфликт

ЕУ не се откажува од поддршката за Украина, врвен приоритет е безбедноста

02.12.2024 12:30

Поранешниот генерален секретар на НАТО, Столтенберг смета дека привременото отстапување територии контролирани од Русија, со безбедносни гаранции за Киев, може да донесе итно завршување на војната, пренесуваат германски медиуми. По вчерашната посета на челниците од новиот состав на Европската комисија на Киев, денеска и германскиот канцелар Шолц на итна средба со Зеленски во Украина. Европската унија не се откажува од поддршката, тоа е врвен приоритет за безбедноста на стариот континент…

Руската ракета „Орешник“, енигма за противвоздушната одбрана на Украина, отвори нови безбедносни прашања и во Европската унија. Германскиот канцелар пред истекот на мандатот и предвремените избори на 23-ти февруари, ненајавено пристигна во Киев. Владата во Берлин испраќа нови 650 милиони евра во воена опрема за Украина. И додека се чека на неговата средба со Зеленски, новите челници на европската влада не откриваат детали дали на средбата со украинскиот претседател Киев е ставен на брзата лента за членство во Унијата.

„Ние сме 27 демократии, ним им треба подолг период отколку на автократиите да решат. Се надевам дека ќе бидеме обединети околу ова прашање. Да ги забрзаме процесите, секако не ќе биде лесно. Мислам дека на крајот ќе дојдеме до одлука за да можеме да испорачаме“, изјави Каја Калас, шеф на дипломатијата и на безбедноста на Европската унија.

И Зеленски е задоволен од посетата на Кошта, Калас и на новата комесарка за проширување Кос. Се проширува соработката за придружување кон Унијата и во наредната година, но се разговарало и за барањето на Киев за членство во НАТО.

„Поканата да се приклучиме на Алијансата темелно ќе ја засили Украина пред преговорите за крај на војната. Тоа истовремено значи праведлив мир“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Мировните преговори можеби се блиску исто колку и далеку, но очигледни се и позиционирањата пред назначувањето на Доналд Трамп за шеф на Белата куќа. Шатл-дипломатија на германската шефица за надворешни во Пекинг.

„Ја почитуваме отвореноста на дијалогот, имаме различни опции, но важно е дека во овие бурни времиња разговараме, кога ветриштата дуваат од различни правци“, вели Аналена Бербок, министерка за надворешни работи на Германија.

Без разлика што се зборува за мир, Москва е решителна да продолжи со воената интервенција. Пред преговорите, секоја педа освоена земја е дел од преговарањето.

„Слабоста на Зеленски е очигледна. Постојаната војна, неговата идеја, веќе не се прифаќа. И чувството во Европските земји за Украина се менува“, изјави Дмитри Песков-портпарол на рускиот претседател Путин.

Сепак, Европската унија најави нов пакет санкции за Русија. Москва ја продолжува офанзивата, во Тернопил, во близина на полската граница, дрон усмрти едно лице, 100 жители се евакуирани.

Зоран Богатинов