Куманово

Опожарени три возила во Куманово, едно на обвинителот Бајрами

02.12.2024 12:49

Три возила од кои едно на јавен обвинител но и деловна просторија на советник од ДУИ, синоќа се запалени во Куманово. Случајот го истражуваат надлежните органи. Во пожарите нема повредени. Бајрами очекува расветлување на случајот …

Три возила и една деловна просторија се опожарени доцна синоќа во Куманово. Едно од возилата е во сопственост на јавниот обвинител Џелал Бајрами, додека фотокопирницата е на советникот од ДУИ, Фитор Јакупи. Пожарите се случиле три часа по полноќ на улиците Трст, Вардарска и Никола Вапцаров. На терен веднаш излегле екипи на противпожарната единица и полицијата.

„Пожарите биле изгаснати од екипа на територијалната противпожарна единица Куманово, а повредени лица нема. Увид извршила екипа од СВР Куманово, известен е и јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случаите“, истакна портпаролката на СВР Куманово.

Од кумановската полиција засега не откриваат нови детали. Јавниот обвинител Бајрами се надева дека случајот ќе се расветли. Пожарот на неговото возило кое се наоѓало во дворот го пријавиле соседи. Возилото вели е целосно уништено, но други штети нема.

„Изгаснато е возилото ништо не е останато од него целосно неупотребливо, на лице место излегоа припадници од полиција, и дежурен јавен обвинител, зедоа материјални докази кои сметаат ќе им одат во прилог за расветлување на овој настан и се надевам дека брзо ќе бидат откриени сторителот или сторителите на ова дело“, нагласи тој.

Дежурен јавен обвинител од ОЈО Куманово извршил увид на локациите каде што се опожарени автомобилите и фотокопирницата.

Од Обвинителството информираат дека се преземени сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето. Прибрани се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а ќе се изврши увид и на снимки од камери за видеонадзор.

Речиси сите пожари настанале во исто време. Опозициската ДУИ пак излезе со соопштение во кое на случајот му даде меѓуетничка димензија. Тие повикаа на интервенција од меѓународната заедница.

 

Елена Георгиевска