Меѓународната заедница повикува на деескалација на состојбата во Сирија
Сириската влада почна контраофанзива против бунтовниците кои го зазедоа Алепо. Има загинати и ранети. Меѓународната заедница апелира на деескалација на кризата…

Сирија почна контраофанзива против бунтовниците кои извршија неочекуван напад преземајќи контрола на неколку села и градови, меѓу кои и Алепо. Претседателот Асад најави дека ќе се избори против терористите.
„Тероризмот не разбира ниту еден друг јазик освен јазикот на силата, а ние ќе го скршиме и уништиме тој јазик, без разлика кој го поддржува и спонзорира тероризмот“, напиша Асад на „Телеграм“.
Во северниот дел на Хама создадена е силна одбранбена линија за да се спречи напредокот на бунтовничките групи на северозападот.
„Секој кој е платеник или дејствува надвор од законот и ќе се обиде да отвори оган ќе биде решен на самото место“, рече Абделкарим Махмуд Ибрахим, началник на Генералштабот на сириските вооружени сили.
Сириските и руските сили ги продолжија воздушните напади во окупираните градови. Белите шлемови јавуваат за десетици жртви и повредени. Иранскиот шеф на дипломатијата Арагчи пристигна во Дамаск. Вети дека ќе и помогне на владата да се спротивстави на ненадејната офанзива.
„Ционистичкиот режим активно поддржува различни терористички групи. Нивната цел е јасно да го ослабат отпорот и Сирија. Стар израелски заговор е да ја наруши безбедноста на целиот регион и да сее раздор меѓу различни исламски групи и земји“, вели Есмаил Багаи, портпарол на МНР на Иран.
Напливот на борбите ја зголеми можноста за повторно отворање на уште еден дестабилизирачки фронт на Блискиот Исток во време кога Израел се бори против Хамас во Газа и кога примирјето во Либан со Хезболах е кршливо.
„Постојано следиме што се случува во Сирија. Решени да ги браниме интересите на државата Израел и да ги заштитиме достигнувањата од војната. И цврсто го спроведуваме договорот за прекин на огнот во Либан. Секое прекршување наидува на силна реакција од војската“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Во истовреме, Ирак ги затвори сите граници поради новата ескалација во соседството.
„Би сакал да ги уверам дека сите ирачки граници се добро заштитени и отпорни на какви било обиди за компромитирање на суверенитетот на земјата“, нагласи бригаден генерал Микдад Мири, портпарол на МВР на Ирак.
Светските сили повикаа на деескалација.
Бојана Крстевски
