Евроинтеграции

Муртезани: Не се исцрпени сите можности за одблокирање на европскиот пат

02.12.2024 15:10

„Пристапниот процес да не се билатерализира, решението што ќе го овозможи тоа, е прифатливо за нас“, министерот за европски прашања Муртезани е уверен дека не се исцрпени сите можности. Се споменуваат можни гаранции од Софија, иако, таму сè уште тешко оди формирањето влада…

Формирање на политичка Влада во Бугарија со која ќе може да се преговара е дел од планот – вели министерот за европски прашања Орхан Муртезани. Ќе се чека до последен момент, додека не бидат исцрпени сите можности. Според него, секое решение кое ќе ја заштити земјава од понатамошни блокади ќе биде предмет на дискусија.

„Секое решение кое ќе сметаме дека го обезбедува процесот на пристапување, за нас ќе биде прифатливо. Техникалиите останува да се решаваат низ процес на преговори. Нашата позиција е да се заштитиме од понатамошни блокади. Дали ќе бидат гаранциите од Бугарија, или од некоја институција, или ние тоа ќе го направиме билатерално, не е важно, битна е суштината“, изјави министерот за европски прашања, Муртезани.

Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан не е приоритет на новата администрација во Брисел, оценува Кацарска од Европскиот политички институт. Според неа, тешко дека ќе помине предлогот на Владата за уставни измени со одложено дејство. Во однос на бараните гаранции, да нема нови блокади од Бугарија, таа вели дека и тоа е тешко остварливо доколку се говори од правен аспект, но постојат индикации за разговори со официјална Софија.

„Тешко е да го видам тоа, особено не правни, веројатно политички дискусии кои допрва ќе се материјализираат. Единствениот стабилен актер таму е Радев. Постои оваа дискусија дека во заднина се работи со Бугарија“, смета Кацарска.

Фокусот на Европската унија е кон Украина, а тоа го потврдува и посета на новата еврокомесарка за проширување Кос во Киев- вели Кацарска.

Марина Стојанова-Тонева