Вонреден инспекциски надзор во ОУ „7 Март“
Приредба со деца облечени во униформи на УЧК и пушки во раце, освен во тетовско Челопек биле организирани во уште три училишта, вели министерката Јаневска. Денеска инспектори на терен беа во училиштето „7 март“, а ќе бидат испратени и во другите. Првиот човек на просветниот инспекторат вели, ќе има мерки, а за директорот на училиштето, нема ништо спорно...

Вонреден инспекциски надзор во основното училиште „7 Март“ во тетовско Челопек. Се бара одговорност кој дозволил на приредба учениците да бидат облечени во униформи со амблеми на неформални воени групации и со пластични пушки во раце. Инспекторите се задржаа еден час. Мерки ќе има но какви, ќе се знае утре велат инспекторите за МТВ. За директорот на училиштето Јасин Река, нема ништо спорно во манифестацијата.
Директорот на училиштето рече дека претставата е обична и нема тенденција за поделба или поттикнување меѓуетнички тензии.
„Тоа беше манифестација за децата да ги одбележат историските датуми на Албанците кои се слават во сите училишта во албанските земји“, изјави за МИА директорот Јасин Река.
Освен со Челопек, вакви манифестации се одржале и во други училишта низ Македонија, вели министерката за образование Јаневска. МОН има докази и слики со пријави во две училишта во Тетово и во училишта во Чаир и Струга. Јаневска најави инспекција и кај нив.
За обвинувањата од ДУИ дека води „антиалбанска политика“ и „двојни стандарди“ во образованието, Јаневска вели дека како политичка партија имаат право на преземање некакви акции, но тоа не смеат да го прават преку децата и училиштата. Не е дозволиво понижување на државните симболи и воведување милитаризам во училиштата, вели министерката.
Игор Панов
