Сириската армија го продолжува притисокот врз бунтовниците
Воздушните напади на сириските и руските сили продолжуваат. Белите шлемови јавуваат за погодени болнички згради во Идлиб...

Сириската армија тврди дека успешно ја одбила терористичка офанзива на северот и ја вратила контролата над населените места долж административната граница на провинциите Хама и Идлиб. Воздушните напади на сириските и руските сили продолжуваат. Белите шлемови јавуваат за погодени болнички згради во Идлиб. ООН го осудија насилството и побараа прекин на непријателствата.
„Генералниот секретар ја нагласува итната потреба сите страни сериозно да се ангажираат за сеопфатен пат за излез од конфликтот. Тој повикува на итен прекин на непријателствата и итно враќање на политичкиот процес олеснет од ОН“, изјави Стефан Дујарик – портпарол на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
На дипломатија повика и иранскиот претседател кој ги означи бунтовниците во Сирија како „терористи“ на кои не треба да им се дозволи да ја обноват војната во земјата. Турција повика на прекин на конфликт со консензус кој ги исполнува желбите на народот. Апели за деескалација и политички процес пристигнаа и од САД. Велат дека би било корисно доколку Русија и Иран го прекинат своето дестабилизирачко влијание внатре во Сирија.
