Култура

Толеранција како уметност: Патување низ постерите на Мирко Илиќ

03.12.2024 11:47

Во галеријата на Архитектонскиот факултет раскажувачкото студио Види Вака, Фондација ИДЕА Југоисточна Европа, поддржани од Bubblewrap Design Studio, ПроМедиа и New Moment, ја пренесоа пораката на најмасовната изложба на постери во светот која досега е видена од преку 600.000 илјадна публика.

Редакцијата на „Види Вака“ со патувачката изложба „Толеранцијата како уметност“, во Скопје го донесе светски познатиот дизајнер Мирко Илиќ. Преку патување низ приказната која ја носат постерите и преку можноста да се слушне предавањето на глобално познатиот дизајнер, после патешествието низ 40 земји, проектот пристигна и кај нас.

Во галеријата на Архитектонскиот факултет раскажувачкото студио Види Вака, Фондација ИДЕА Југоисточна Европа, поддржани од Bubblewrap Design Studio, ПроМедиа и New Moment, ја пренесоа пораката на најмасовната изложба на постери во светот која досега е видена од преку 600.000 илјадна публика.

По филмскиот фестивал „Куќа на толеранцијата“ во Словенија,  Мирко Илиќ се инспирирал да го започне овој проект. Во 2017-та година тој од 28 уметници побарал да направат постер за толеранција со единствениот услов - да напишат „толеранција“ на нивниот мајчин  јазик. Така,  Илиќ со плакатите започна да го обиколува светот. Во секој нов град локалните дизајнери придонесуваат за проширување на каталогот на уметнички дела. Македонскиот дизајнер кој го изработи плакатот на темата толеранција за изложбата во Скопје е Никола Војнов.

Роден во 1956-та во Босна, Илиќ е познат стрип-уметник и графички дизајнер со седиште во Њујорк. Кариерата ја започнал во Југославија како дел од движењето „Нов Бран“, дизајнирајќи култни пакувања за музички албуми и филмски постери. По преселбата во Њујорк, Илиќ илустрирал за Time, The New York Times и The Wall Street Journal, потоа станувајќи уметнички директор на Time International и The New York Times Op-Ed.

Неговите дела се вброени во колекциите на MoMA, Институтот Смитсонијан и SFMOMA. Носејќи ја титулата почесен професор на Универзитетот за уметност и дизајн Мохоли-Наѓ во Будимпешта, Илиќ продолжува да ја обликува современата дизајн и визуелна култура на глобално ниво.

Како креатор на меѓународна изложба која промовира глобално единство, тој ја отвора темата за инклузијата како можност за нова основа на која ќе се  гради толеранција.

Во светот кој се повеќе е поделен од социјална неправда и расна нееднаквост, проектот за толеранција ја користи моќта на дизајнот, за да не потсети што е заедничко на сите нас. Оваа смела патувачка иницијатива е посветена на публика која вообичаено не посетуваат галерии или музеи.