Скопје

Нова сензорна соба во ООУ „Рајко Жинзифов“ во Кисела Вода

03.12.2024 15:30

Инклузивните училници се дизајнирани да ги задоволат потребите на сите ученици, овозможувајќи им на децата со посебни образовни потреби да учат заедно со своите врсници.

На Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби Oпштина Кисела Вода продолжува со посветените активности за создавање општество на еднакви можности.

Во оваа насока, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес отвори сензорна соба во склоп на ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево, наменета за поддршка на децата со попреченост и нивното целосно интегрирање во образовниот процес.

Дополнително, општината направи уште еден значаен чекор со потпишување на договор со Филозофскиот факултет, преку кој стручни кадри во ќе нудат бесплатна помош за децата со попреченост, обезбедувајќи им индивидуален пристап и поддршка. Во дворот на истото училиште во завршна фаза е изградбата на инклузивна училница на отворено, прва од ваков вид во општината, соопштуваат од општината.

Инклузивните училници се дизајнирани да ги задоволат потребите на сите ученици, овозможувајќи им на децата со посебни образовни потреби да учат заедно со своите врсници. Оваа училница ќе биде опремена со дидактички материјали и предмети од секојдневниот живот кои поттикнуваат креативност, моторика, сетила и когнитивни способности.

Во ООУ „Рајко Жинзифов“ има вкупно 16 ученици со попреченост.