Култура

Гала златна премиера за 30 години од класикот „Пред дождот“ на Манчевски

03.12.2024 13:18

На златната премиера ќе присуствуваат авторот Манчевски и дел од домашната и странска екипа на филмот, меѓу кои и актерот Раде Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс, монтажерот Николас Гастер, директорот на фотографија Мануел Теран, композиторот Златко Ориѓански, актерите Петар Мирчевски, Катерина Коцевска, Силвија Стојановска и Сузана Киранџиска...

„Пред дождот“, македонскиот светски признат класик на Милчо Манчевски, филмот што го градеше идентитетот и му даде лице на името Македонија, ќе ја прослави 30-годишнината со гала златна премиера на реставрирана копија.

Овој настан, на 9-ти декември, во 20 часот во Филхармонијата одбележува 30 години од најголемиот успех на Македонија – не само во културата, туку и воопшто. Oва е прв и засега единствен пат македонско дело да победи на најважен светски мегдан.

На златната премиера ќе присуствуваат авторот Манчевски и дел од домашната и странска екипа на филмот, меѓу кои и актерот Раде Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс, монтажерот Николас Гастер, директорот на фотографија Мануел Теран, композиторот Златко Ориѓански, актерите Петар Мирчевски, Катерина Коцевска, Силвија Стојановска и Сузана Киранџиска, а со видео порака и Сајмон Пери, поранешниот директор на „Бритиш скрин“ и најзаслужниот за можноста да се сними „Пред дождот“. Специјално за премиерата од Рим доаѓа и италијанскиот копродуцент на „Збогум, Копакабано“, новиот филм на Манчевски.

Присуството го потврдија дури 21 амбасадор во Македонија и личности од политичкиот и јавен живот. Со цел овој свечен настан да биде достапен и за сите љубители на филмот, ограничен број бесплатни билети ќе бидат достапни на касата на Филхармонија.