Се крои новогодишната кошничка, детали во четврток
Привршува изработката на новогодишната кошничка, со дефинирани цени и производи. Истата ќе биде поразлична од претходните, со над 600 поевтини продукти. Целта е да им се излезе во пресрет на граѓаните за време на новогодишните празници. Паралелно до петок ќе се знае и дали ќе се покачи минималецот...

При крај е изработката на новогодишната кошничка, која ќе содржи намалени цени на над 600 прехранбени производи. Дефинирани се цените, а листата на продукти ќе биде различна од претходните, најави заменик министерот за економија и труд Ристески. Деталите за новогодишната кошничка ќе се соопштат на прес-конференција која ќе се одржи во четврток во Владата.
„Ќе има навистина значителни намалувања, што ќе биде една позитивна мерка во однос на штитење на стандардот на граѓаните, задржување и стабилност на цените и стабилен процент на инфлацијата којшто е засега на задоволително ниво“, истакна заменик министерот.
За разлика од претходните во изготовката на оваа кошничка учествувале претставници на Стопанските комори, синдикатите, Организацијата на заштита на потрошувачи. Вакви мерки ќе следуваат и во иднина особено за празниците. Надлежните најавуваат дека активно ќе се следат цените и во идниот период.
Надлежните се задоволни од резултатите на есенската, но очекуваат уште поголем ефект од новогодишната кошничка.
Граѓаните реагираат дека во изминатиот период имаше драстично зголемување на цените на производите. Тие се надеваат дека новогодишната трпеза ќе биде поевтина.
Владата, синдикатите и работодавците ќе дискутираат и за можностите да се зголеми минималецот. Конкретни мерки ќе бидат соопштени во петок. Тие се надеваат дека идниот буџет ќе дозволи ваква можност. Минималецот од март би требало да се покачи за 1.600 до 1.800 денари.
Елена Георгиевска
