Ефтимов: Оставката на Дамева од претседателската позиција во Судскиот совет е политички фолклор
По оставката на Дамева, Судскиот совет не избра наследник – ќе чека доекипирање. Во меѓувреме, трета јавната дебата за реформи во ова судско тело – овој пат експерти, професори, правници седнаа на заедничка маса во штипска Апелација. Прашањата кои ги отвори доскорешната претседателка за притисоци и влијанија во судството и денеска се најдоа во фокусот...

Оставката на Дамева од претседателската позиција во Судскиот совет е политички фолклор, смета државниот секретар во ресорот правда Ефтимов. Според него, Советот покажал дека не е независно тело и работи под политички диктат па затоа е неопходно да се реформира.
Реформата ќе тргне од нов Закон за Судски совет. Ги опфаќа прашањата за избор и разрешување на членовите, но и оние поврзани со мандатот и одговорностите што ги имаат.
Познавачите велат дека за враќање на довербата во правосудството не е потребно само да се поделат плати и да се донесат закони. Треба да се зајакнат истражните центри, да се вработат стручни соработници и да се пополнат испразнетите судиски и обвинителски места.
Во последните 4 години бројот на судии во земјава е намален за една четвртина, додека од Обвинителството за пет години си заминале 16 обвинители.
Анита Димитријевска – Велковска
