Партии

Влада: Лидерска средба не се бара преку медиумите

03.12.2024 16:15

По последните инциденти, СДСМ побара Мицкоски да свика лидерска средба. Владата има капацитет за политички дијалог. Барањето за лидерска не се испраќа преку медиумите, одговорија од Илинденска...

Оваа влада не работи за желбите на политичарите, туку исклучиво за интересите на граѓаните, рече владината портпаролка Марија Митева. Во минатото, вели таа имавме влада која немаше капацитет да води политички дијалози, а сега испраќа барања преку медиумите.

Шокантно е што Митева и владата сметаат дека безбедноста и мирот во државата не заслужуваат лидерска средба-реагираат од СДСМ. Тоа е единствено решение кое ќе може да ја смири наелектризираната атмосфера, инаку ризикуваме таа сериозно да ескалира – смета претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој барањето го упати по минатонеделните нереди и палење на државното знаме.

Европскиот фронт пак бара детална информација од МВР за инцидентите од последните денови. Во меѓувреме поднеле барање за интерпелација за првиот вицепремиер Изет Меџити, за министрите Иван Стоиљковиќ, Панче Тошковски и неговиот заменик Астрид Исени.

За Европскиот фронт, владата е таа што прави вештачка криза и клима на тензии во општеството.

 

Миле А. Ристески