Лицата со оштетен слух заглавени во системот
Поразителни податоци доаѓаат од Државниот центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ каде се образуваат средношколци од целата држава со оштетен слух. Истражувањето на Народниот правобранител покажува дека голем дел од наставниот кадар не го познава знаковниот јазик...

Наставници кои воопшто не го знаат знаковниот јазик предаваат во единственото средно училиште во Македонија за деца со оштетен слух „Партенија Зографски“ – алармира народниот правобранител, настава следат околу 20 ученици, предаваат 19 професори. Поразително е што предаваат само преку пишување на табла и писмени содржини, а за испрашување, им помагаат наглуви соученици кои имаат улога на толкувачи. Народниот правобранител бара од Министерството за образование системско решение.
„Бидејќи воспитно-наставниот кадар кој во моментов реализира настава не го познава или солидно не го познава знаковниот јазик, треба да се обезбедат сертифицирани толкувачи на знаковен јазик со цел ефикасна и квалитетна комуникација со учениците и соодветно пренесување на наставните содржини“, изјави Васка Бајрамовска – заменик-народен правобранител.
Младите со оштетен слух бараат законски измени за поквалитетна настава. Имаат желба да се образуваат, сакаат да го продолжат образованието и на факултетите, но велат дека располагаат со малку знаење и имаат мал фонд на зборови.
„Да се зголеми фондот на знаење на знаковен јазик на сите наставници без разлика во кое училиште работат, на образовните асистенти, родителите чии деца се глуви за да можат да воспостават комуникација со своите родители“, изјави Стефан Ѓиков – Младинско здружение на лица со оштетен слух.
„Не може само со покажување и со пишување тотално глуво лице кое не слуша и не зборува правилно и квалитетно да ја прими наставата“, изјави Марија Башеска – претседателка на Асоцијацијата на знаков јазик „Гласни раце“.
Лицата со оштетен слух се заглавени во системот – нотира Омбудсманот. Апелираат за поголема инклузија на ранливите категории.
Народниот правобранител бара училиштето „Партенија Зографски“ да обезбеди кадар кој ќе го знае знаковниот јазик на соодветно ниво и ќе може да ги пренесе наставните содржини разбирливо на учениците со оштетен слух.
Андријана Ѓурческа
