Македонија

Реакции за зголемување на старосната граница за пензионирање

03.12.2024 17:00

Предлогот на Фискалниот совет за зголемување на старосната граница за пензионирање со лавина реакции. За синдикатите е несериозен и неодржлив, на штета на работниците. Власта смирува – не се размислува за ваква реформа, се прават анализи како да се стабилизира состојбата со дупката во Фондот. Експертите велат алармот одамна е вклучен.

Сојузот на синдикатите е сериозно загрижен, откако Фискалниот совет предложи пензионирање на 67 години за мажи и за жени. Првиот човек на ССМ Трендафилов вели потребно ни е предвремено пензионирање и бенефициран стаж, а не зголемување на старосната граница. Според него, предлогот е несериозен и неодржлив на долг рок.

„Доколку членовите на Фискалниот совет сакаат да помогнат во крпење на Буџетот во Фондот за пензиско, можеби треба да почнат да плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување за сите нивни приходи, што ќе претставува пример кој треба да се следи и од другите! И во минатото сме биле сведоци на вакви несериозни предлози и тоа од луѓе кои не се дел од работниците, а на штета на работниците. Напомнуваме дека вакви избрзани мерки преку зголемување на стапката на придонес или продолжување на возраста за пензионирање, само и исклучиво во обем потребен за покривање на дефицитот на пензискиот фонд, на долг план не давале плод, напротив структурните проблеми останувале нерешени и проблемите се повторувале“ вели Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Од Синдикатот посочуваат дека поради непријавената работа државата годишно губи 250 милиони евра кои остануваат во џебовите на газдите. Бараат поголем ангажман на инспекциите за наплата на социјалните придонеси во целост.

Владата не размислува за прифаќање на предлогот на Фискалниот совет, се прават анализи како да се стабилизира состојбата со дупката во Буџетот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, посочува владината портпаролка Митева.

Академик Абдулменаф Беџети, кој е член на Фискалниот совет, во интервју за „Дојче Веле“ вели дека алармот е одамна вклучен, секоја трета пензија се исплаќа од државниот Буџет. Предлогот се темели и врз основа на стареењето и зголемувањето на векот на живеење на населението, вели Беџети.

Фискалниот совет предлага измената да стапи на сила во 2026 година и зголемување на старосната граница на пензионирање на 67 години да важи и за мажите и за жените.

 

Игор Панов