Претседателот на Јужна Кореја прогласи воена состојба, тензии пред парламентот
Тензично на улиците во Сеул откако претседателот на Јужна Кореја прогласи воена состојба. Опозицискиот блок оцени дека одлуката на претседателот е неуставна и гласаше за нејзино укинување. Илјадници граѓани излегоа на улиците. Регистрирани судири со властите. Според светските агенции, потегот на претседателот Јун Сук Јол за воена состојба е чисто домашно политичко прашање и нема поврзаност со соседите од северот.

Врие во Јужна Кореја откако претседателот прогласи воена состојба и вети дека ќе ги елиминира антидржавните сили кои сочувствуваат со Северна Кореја. Јун Сук Јеол во обраќањето се фокусираше на домашните политички противници и не наведе никаква конкретна закана од нуклеарно вооружениот Север. Јужнокорејскиот претседател истакна дека нема промена во надворешно-политичките обврски и одговорностите кон меѓународната заедница.
„Мерката е неопходна за да се заштити нашиот уставен поредок. Одлучно ќе ги елиминирам антидржавните сили кои правеа хаос и се главните виновници за падот на нашата нација. Ова е неизбежен чекор за заштита на слободата и безбедноста на луѓето, како и за обезбедување одржливост и безбедност на нацијата, против антидржавните сили кои се обидуваат да го соборат нашиот систем“, изјави Јон Сук Јеол, претседател на Јужна Кореја.
Опозицискиот блок кој се противи на буџетот за идната година и бара апсење на високи функционери, оцени дека одлуката на претседателот е неуставна. Со 190 гласа од 300 члена на Собранието, гласаше за укинување на одлуката. Демократската партија, која е главната опозициска сила, ги повика граѓаните на собир пред Националното собрание. Илјадници граѓани излегоа на улиците, регистрирани судири со воените власти. Од Белата Куќа велат дека внимателно ја следат состојбата
„Бидејќи самото прогласување на воена состојба ги нема потребните суштински и процедурални барања и е ништовна од самиот почеток, резолуцијата на Националното собрание за нејзино укинување дефинитивно ја потврди нејзината неуставност. Сите претседателски наредби врз основа на прогласувањето на воена состојба се неуставни, неважечки и незаконски“, изјави Ли Џае-мјунг, главниот јужнокорејски опозициски лидер.
Според светските агенции, потегот на претседателот Јун Сук Јол за воена состојба е чисто домашно политичко прашање. Претседателот претходно одбиваше повици за независни истраги за скандалите поврзани со неговата сопруга и високи официјални лица. По прогласувањето на воена состојба, јужнокорејскиот вон падна на најниско ниво во последните две години.
Маријана Димовска
