Листерија: Граѓаните внимаваат што купуваат
Потрошувачите почнаа повеќе да внимаваат што купуваат...

Веска Пендаровска четирите внучиња ги штити од листерија со приготвување домашна храна и со превриено млеко.
„Не се исплашив од бактеријата бидејќи ја има во храната, но ако добро се зготви и се измие, нема да има проблеми“, вели Веска Пендаровски.
Граѓаните ги слушаат советите на лекарите, но не се откажуваат од секојдневното мени за јадање.
Што се случува на зелените пазари? Навидум ништо невообичаено, вели Билјана која 12 години продава земјоделски производи. Вели, секоја година има по некој случај.
„Прометот е малку намален, но тоа е поради летните одмори. Можеби некој се исплашил, но навистина нема простор за паника“, вели Билјана Карчевска, продавач на пазар.
И маркетите работат со секојдневната динамика.
„Во свеста на нашите потрошувачи се промени само една работа, почнаа повеќе да внимаваат што купуваат. Според статистиката, односно според аназлизите што ги правиме во нашите маркети нема промена, односно пад на прометот“, вели Алтај Иметовски, менаџер на супермаркет.
„Работиме исклучиво со компании што ги поседуваат сите сертификати за безбедно производство. Нашите потрошувачи тоа го знаат и затоа прометот не е намален“, рече Стојанче Тодоровски, маркетинг менаџер на синџир маркети.
Во продавниците велат дека кога сакат да ги испочитуваат препорките на надлежните, некогаш доаѓаат во конфликт со муштериите.
Во некои маркети продавачите имале проблем да им објасанат на купувачите дека лубениците веќе ни ги сечат на парче, бидејќи така можат да се контаминираат.
Дека бактеријата не е за потценување и дека треба да се слушаат советите на лекарите, доказ е американското искуство од пред три години, кога од листерија откриена во дињи се заразиле 130 Американци, а 25 починале.
Наташа Јанчиќ
