Опозицијата во Јужна Кореја подготвува импичмент на претседателот
Откако во парламентот беше отфрлена декларацијата, претседателот на Јужна Кореја ја повлече одлуката за прогласување вонредна состојба во земјата. Опозицијата и синдикатите разгледуваат опции за отповикување на Јон Сук Јеол. Драматичниот потег на претседателот предизвика масовни протести во земјата...

Заврши драмата во Јужна Кореја. Претседателот Јун Сук Јеол ја повлече декларацијата за воведување воена состојба. По неколку часа тензии, парламентот, во кој доминираат партиите на опозицијата, со големо мнозинство ја отфрли одлуката на претседателот. Синдикатите и граѓаните побараа оставка.
„Доцна во ноќта нашите граѓани беа навистина шокирани. Мислевме дека изби војна. Сепак, тоа не е војна. Ова е нешто што не може да се толерира во едно демократско општество. Луѓе од сите сфери се здружија, решени да иницираат национално движење“, изјави Јанг Кјеунг Су од Корејска федерација на синдикати.
За опозицијата, потезите на претседателот за воведување воена состојба се несовесни и апсурдни. Најавија дека се подготвуваат да побараат импичмент.
„Прогласувањето на воена состојба е основа за импичмент, бидејќи ги крши и уставните процедури и законите. Со блокирањето на пристапот на пратениците до Националното собрание и дозволувајќи им на вооружените војници и полицајци насилно да влезат во зградата на парламентот, Јун изврши кривичното дело – поткопување на Уставот“, изјави Парк Чан-Дае, лидер на јужнокорејската најголема опозициска Демократска партија.
На повик на опозицијата, илјадници луѓе излегоа на улиците против одлуката на претседателот. Регистрирани беа судири со чуварите на редот.
„Вакви работи никогаш не треба да се случуваат. Се чувствуваме како да се враќаме во ерата на диктатурата“, вели локален жител.
„Откако ги гледав вестите, почувствував вознемиреност, а исто така мислам дека ова е голем национален срам“, рече друг.
Од Вашингтон неколкупати потврдија дека со внимание ја следат состојбата. Според аналитичарите, било каква нестабилност на Корејскиот полуостров ги засега директно и САД и Јапонија, а воедно му даваат шанса за акција на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
„Секоја домашна политичка нестабилност во Јужна Кореја, во време кога Северна Кореја е охрабрена, очигледно ќе биде извор на голема загриженост бидејќи дава можност за Ким Џонг Ун да направи зло“, изјави Џон Нилсон-Рајт, Центар за геополитика на Универзитетот во Кембриџ.
Политичката нестабилност во Јужна Кореја трае веќе подолг период. Претседателот одбиваше повици за независни истраги за скандали поврзани со неговата сопруга и високи официјални лица. Опозицискиот блок пак, се противи на буџетот за идната година и бара апсење на високи функционери за што претседателот обвини за антидржавно дејствување.
„Прогласив воена состојба со цврста решеност да ја заштитам земјата од антидржавните сили кои се обидуваа да ги парализираат суштинските функции на државата и да го урнат уставниот поредок на либералната демократија“, изјави Јун Сук Јеол, претседател на Јужна Кореја.
Ова беше првпат од 1980 година да се прогласува воена состојба во Јужна Кореја, која имаше авторитарни лидери во минатото.
Маријана Димовска
