ЈУЖНА КОРЕЈА

Отповикана воената состојба во Јужна Кореја, опозицијата подготвува импичмент на претседателот

04.12.2024 09:34

Откако во парламентот беше отфрлена декларацијата, претседателот на Јужна Кореја ја повлече одлуката за прогласување воена состојба во земјата. Опозицијата и синдикатите разгледуваат опции за отповикување на Јон Сук Јеол. Драматичниот потег на претседателот предизвика масовни протести во земјата...

Заврши драмата во Јужна Кореја. Претседателот Јун Сук Јеол ја повлече декларацијата за воведување воена состојба. По неколку часа тензии, парламентот, во кој доминираат партиите на опозицијата, со големо мнозинство ја отфрли одлуката на шефот на државата.

„Како генерален секретар на Националното собрание одговорен за безбедноста и редот на парламентот, силно протестирам против неуставните и незаконски дејствија што се случија во Националното собрание“, изјави Ким Мин-Ки, генерален секретар на Националното собрание.

Синдикатите и граѓаните побараа оставка. Потезите на претседателот се несовесни и апсурдни, став на опозицијата која почна постапка за отповикување.

„Доцна во ноќта нашите граѓани беа навистина шокирани. Мислевме дека изби војна. Сепак, тоа не е војна. Ова е нешто што не може да се толерира во едно демократско општество. Луѓе од сите сфери се здружија, решени да иницираат национално движење“, изјави Јанг Кјеунг Су, од Корејска федерација на синдикати.

„Јун нема да се двоуми да предизвика уништување за мали придобивки. Постои голема можност тој да ги загрози животите на луѓето со провокација на Северна Кореја, да предизвика хаос во близина на воената демаркациона линија и на крајот да предизвика вооружен судир. Почитувани граѓани, треба да се борите покрај нас“, изјави Ли Јае-Мјунг, лидер на Демократската партија.

Од Вашингтон неколкупати потврдија дека со внимание ја следат состојбата. Според аналитичарите, било каква нестабилност на Корејскиот полуостров ги засега директно и САД и Јапонија, а воедно му даваат шанса за акција на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

„Секоја домашна политичка нестабилност во Јужна Кореја, во време кога Северна Кореја е охрабрена, очигледно ќе биде извор на голема загриженост бидејќи дава можност за Ким Џонг Ун да направи зло“, изјави Џон Нилсон-Рајт, од Центар за геополитика на Универзитетот во Кембриџ.

Политичката нестабилност во Јужна Кореја трае веќе подолг период. Претседателот одбиваше повици за независни истраги за скандали поврзани со неговата сопруга и високи официјални лица. Опозицискиот блок пак, се противи на буџетот за идната година и бара апсење на високи функционери за што претседателот обвини за антидржавно дејствување. Ова беше првпат од 1980 година да се прогласува воена состојба во Јужна Кореја, која имаше авторитарни лидери во минатото.

 

Маријана Димовска