Утревечер во МСУ се отвора меѓународната изложба „Војна на сетилата/ Војна врз сетилата“
Изложбата „Војна на сетилата/ Војна врз сетилата“ ги вклучува едни од најреномираните автори и уметнички колективи денес, добитници на бројни награди и признанија, меѓу другите и престижната „Тарнер“ награда.

Годинашната разнообразна уметничка и изложбена програма на Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде заокружена со уште една импозантна меѓународна изложба, која ќе биде отворена на 5 декември, во 20 часот, информриаат од МСУ.
Изложбата „Војна на сетилата/ Војна врз сетилата“ ги вклучува едни од најреномираните автори и уметнички колективи денес, добитници на бројни награди и признанија, меѓу другите и престижната „Тарнер“ награда.
Во поставката ќе бидат изложени дела на интернационални и македонски автори: Лоренс Абу Хамдан, Бејрут урбан лаб, Центар за просторни технологии, Форензичка архитектура, Кумјана Новакова, во соработка со Метју Фулер ќе се претстават и Мацуко Јокоџи и Грахам Харвуд од колективот ЈоХа. Куратори се Метју Фулер и Тихомир Топузовски.
„Изложбата се фокусира на релациите помеѓу современите дигитални технологии и продукцијата, дистрибуцијата, интерпретацијата и користењето слики, како евиденција за војните денес и наедно ја степенува важноста на истражувањето и поврзаноста меѓу естетиката и насилството. Изложбата прикажува шест проекти, кои ги истражуваат и анализираат овие состојби. Секое поединечно дело влијае на разбирањето одредени случаи во подрачјата со воени конфликти, приложувајќи евиденција, помеѓу другото, делата претставуваат и повик за праведност. Оттаму, изложбата ја афирмира способноста на уметноста преку користење визуелни методлогии, како што се модели, цртежи, мапи, интерактивни картографски карти, веб-базирани филмови и анимации, да се произведе знаење и да се дејствува во насока на заштитата на човековите права“, велат кураторите.
Графичкиот дизајн за изложбата е на Денис Сарагиновски, а изложбениот дизајн го подготви Јован Ивановски.