Се продлабочува политичката криза во Јужна Кореја, функционери и советници понудија оставки
Mеѓународната заедница внимателно ја следи состојбата на корејскиот полуостров откако претседателот на Jужна Кореја прогласи воена состојба па ја повлече декларацијата. Oпозициските партии во Сеул побараа отповикување на шефот на државата, а поддршка добија и од граѓаните и од синдикатите. Се продлабочува политичката криза, функционери и советници понудија оставки...

Опозицијата во Јужна Кореја почна постапка за отповикување на претседателот Јун Сук Јеол. Вчерашната одлука на шефот на државата да прогласи воена состојба наиде на остра реакција од граѓаните и политичките партии.
„Импичмент на претседател не е забавна работа за пратениците. Но овој човек, Јун Сук Јеол, направи нешто лудо што го крши уставот. Тој во основа изврши државен удар. Импичментот не е избор туку нешто задолжително“, изјави Чеон Ха – Рам, член на Националното собрание на Демократската партија.
„Како генерален секретар, одговорен за безбедноста и редот на парламентот, силно протестирам против неуставните и незаконски дејствија што се случија во Националното собрание“, изјави Ким Мин-Ки, генерален секретар на Националното собрание.
Претседателот Јун најверојатно ја загуби поддршката и од своите редови. Високи функционери и советници понудија колективна оставка. Синдикатите обвинија за несовесно управување со државата и опасност од рушење на демократијата во земјата.
„Ова е нешто што не може да се толерира во едно демократско општество. Луѓе од сите сфери се здружија, решени да иницираат национално движење“, изјави Јанг Кјеунг Су, Корејска федерација на синдикати.
Меѓународната заедница внимателно ја следи состојбата. Според аналитичарите, каква било нестабилност на Корејскиот полуостров ги засега директно и САД и Јапонија, а воедно му даваат шанса за акција на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
„Секоја домашна политичка нестабилност во Јужна Кореја, во време кога Северна Кореја е охрабрена, очигледно ќе биде извор на голема загриженост бидејќи дава можност за Ким Џонг Ун да направи зло“, изјави Џон Нилсон-Рајт, Центар за геополитика на Универзитетот во Кембриџ.
Политичката криза во Јужна Кореја трае веќе подолг период. Парламентот во кој доминираат партиите на опозицијата, бара апсење на официјални лица блиски до претседателот вмешани во скандали и се противи на буџетот за идната година. Ова беше првпат од 1980 година да се прогласува воена состојба во Јужна Кореја, која имаше авторитарни лидери во минатото.
Маријана Димовска
