Финансии

Предлог-буџетот за 2025 на собраниска седница закажана за 10 декември

04.12.2024 12:56

Согласно Деловникот за работа на Собранието, претресот по Предлог-буџетот, односно по дополнетиот предлог на буџетот на седница на Собрание, се води во втората недела на месец декември и трае најмногу пет дена.

На собраниската седница закажана за 10 декември се очекува да започне расправата за Предлог-буџетот за 2025 година. Согласно Деловникот за работа на Собранието, претресот по Предлог-буџетот, односно по дополнетиот предлог на буџетот на седница на Собрание, се води во втората недела на месец декември и трае најмногу пет дена.

Предлог-буџетот ќе биде една од точките на дневен ред на 22 седница, на која исто така треба да биде изгласана и потребата за носење на Предлог на закон за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2025 година (по скратена постапка).

Согласно Деловнико, по завршувањето на амандманската расправа Предлог-буџетот се враќа до Владата која подготвува дополнет предлог на буџетот. Дополнетиот предлог на буџетот претставува нов интегрален текст во кој Владата ги вградила амандманите со кои се согласила и потребните изменувања и дополнувања на предлог на буџетот. Кон дополнетиот предлог на буџетот се доставува и образложение.

На дополнетиот предлог на буџетот амандмани можат да се поднесат најдоцна во рок од три дена пред денот определен за одржување на седницата на Собранието, само на оние делови кои во дополнетиот предлог на буџетот се изменети. Амандмани можат да поднесат секој пратеник, пратеничка група и Владата.

Амандманската расправа за Предлог буџетот заврши на 29 ноември. Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарда денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41 350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП. Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 процента како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација и поумерениот притисок од базичната инфлација. Извозот се очекува да има раст од 4,2 отсто, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка.