Изречени пресудите за случајот „Фаланга 2“
Паско Кузман ќе издржува три години робија – гласи пресудата на кривичниот суд...

Ја искористил позицијата прв човек на управата за заштита на културното наследство за да им овозможи на трговците со артефакти добро да заработат. Паско Кузман ќе издржува три години робија – гласи пресудата на кривичниот суд.
„Укината е мерката куќен притвор, така што продолжува постапката- ништо не е конечно“, вели адвокатот на Кузман, Александар Новаковски.
Неговиот колега од Управата, Илче Бојчевски кој според обвинението е лидер на групата доби највисока казна - седум и пол години затвор. Пресудите за останатите се пониски – од две и пол до шест и пол години. Судот изрече и 4 условни казни.
„Ние имаме и признание на вина во делот на извршувањето на кривичното дело, доби под законскиот максимум казна- укината е мерката притвор. Првично сум задоволен, но сметам дека висината може суште да се корегира“, вели адвокатот Драган Георгиев.
Само четворица од 16-мина обвинети остануваат во притвор. Меѓу нив не е Паско Кузман. Адвокатите ќе се жалат од високите казни.
„Апсолутно не постои ниту еден артефакт, судот не ни покажа, а вештачеа вештаци кои сами признаа дека не се вештаци“, вели адвокатот Звонко Давидовиќ.
Групата е обвинета за нелегален ископ на стари скапи предмети кои се македонско историско културно наследство. Некои од артефактите на странските аукции се продавале и за десетици илјади евра.
Анита Димитријевска
